БИОГРАФИЈА НА
МИТРОПОЛИТОТ
ПОВАРДАРСКИ
Г.АГАТАНГЕЛ
Митрополитот Повардарски
г. Агатангел
(Атанас Станковски) е седми архиереј по хиротонија во Синодот на Македонската Православна
Црква.
Неговата плодна свештенослужителска
лична карта, се покажува уште во родниот дом, во Чаир, во Скопје. Роден е на 11.03.1955
година од благочестивите родители Иван и Елица Станковски. Останал сирак, без мајка,
во најраното детство, па нему, како најстар и на двајцата браќа, таткото Иван со
голема љубов и грижа им вдахнал благочестие, вера и храброст за да се пробиваат
низ макотрпноста и сложеноста на реалниот живот, потпирајќи се на Бога и на Неговата
света промисла.
Токму таа Божја промисла,
секогаш го раководела малиот Атанас. Слушајќи го гласот на Создателот во себе, одлучува
своето образование и својот живот Нему да го посвети, запишувајќи се во Македонската
Православна Богословија “Свети Климент Охридски”, која ја завршува во 1976 година.
По матурирањето во Богословијата, со благослов од Неговото
Блаженство г. Доситеј, Митрополитот Полошко-Кумановски г. Кирил, го ракополага во
ѓаконски чин на 07.01.1979 година. Два дена подоцна, ракоположен е во свештенички
чин, во неговата парохиска, од непосредното соседство црква, “Св. Вмч. Ѓорги” во
Чаир, каде останува на парохиска служба до 1983 година. Истата година, пред Велигден,
заминува на мисионерска дејсност во МПЦЕ за Австралија, во црквата “св. Богородица”
во Бризбејн, а потоа продолжува во Мелбурн, во црквата “св. Димитриј” во Спрингвејл
и “св. Николај” во Престон. Во периодот од 1988 до 1990 година, свештеникот Атанас
Станковски е Архиерејски заменик на тогашниот Митрополит Австралиски, г. Тимотеј,
од кого во 1988 година е произведен во протоерејски чин.
По враќањето од Австралија,
протоерејот Атанас Станковски најпрвин работи како библиотекар при Богословскиот
факултет „Св. Климент Охридски” во Скопје, а потоа и како референт во канцеларијата
на САС на МПЦ. Чувствувајќи дека најмногу може да се најде себеси како парох, тој
во 1995 година повторно се активира на парохиска дејност во Соборниот храм „Свети
Климент Охридски” во Скопје. Во меѓувреме, протоерејот Атанас со голем елан и интелектуален
пристап, го дооформува своето образование со успешно завршени студии на Богословскиот
факултет, на кој дипломирал 1995 година.
Желбата за монашки подвиг постоела уште по завршувањето
на Богословијата. Но, Бог го одложил неговото монашко коленоприклонување. Основна
причина била совеста и грижата кон неговите најблиски, овдовениот татко, и нејаките
и недошколувани помали браќа. По упокојувањето на неговата протопрезвитера Мица,
во него повторно се реактивира монашкиот призив. Очигледно е дека на Бога не му
требал голобрадиот богослов, туку искалениот, смирен и докажан прота. Па, така на
05.02.1998 година, прота Атанас станува нов богослужител, со ново име, возобновувајќи
го преподобниот Агатангел Битолски.
Подоцна, на 24.06.1998
година, Светиот Архиерејски Синод на МПЦ го избира, а на 12.07.1998 година е хиротонисан
за викарен епископ на Скопската Митрополија, со титула епископ Велички.
На 13.02.2000 година
е избран и востоличен како Митрополит Повардарски. А, само неколку месеци подоцна,
на 10.11.2000 година, е избран и назначен за епархиски архиереј на Брегалничката
епархија, за потоа на 26.11.2000 година, во Соборниот храм „Свети Николај” во Штип,
да биде интронизиран за Митрополит Брегалнички. Но по Божја промисла, и заради потребите
на Македонската православна црква, Митрополитот Агатангел, повторно е избран и назначен
за епархиски архиереј на Повардарската епархија, за потоа на 08.10.2006 година,
во Соборниот храм „Св. вмч. Пантелејмон” во Велес, да биде интронизиран за Митрополит
Повардарски.
Моментално, Владиката Агатангел, ја извршува должноста
ректор на Македонската православна богословија во населбата Драчево во Скопје.
Митрополитот Агатангел, за време на својата пастирска
дејност, и како свештеник и како Епископ и Митрополит, правилно ги проценува потребите
на својот народ. Она што ја карактеризира неговата личност е посебниот патриотизам
и родољубие, чија одлика и специфичност не е само изговореното слово или напишаниот
збор, туку дејствувањето и исполнувањето на библиските принципи. Библијата нè учи
во неволја и тешкотија да му помагаме на човекот, зашто токму во тешкотија и несреќата
се гледа и покажува нашата вистинска подготвеност за љубов кон ближните. Токму оваа
евангелска доктрина ќе биде патеводителка, вдахновение и инспирација за Митрополитот
Агатангел, за во 1998 година, со благослов на Архиепископот Михаил, да ја создаде
мисионерско-хуманитарната дејност „Ѓаконија”, која низ сите овие години духовно
ќе ги просветува, облекува и нахранува прво најсиромашните, а потоа и останатите
наши ближни, не прашувајќи ги за нивната вера, народност или убедување. И покрај
реалните тешкотии со кои се соочува „Ѓаконија”, кои пред сè се од финансиска природа,
сепак, со огромни инсистирања и напори на г. Агатангел, таа и ден-денеска ги принесува
своите благочестиви плодови. Уште во својот старт Митрополитот ги одредува критериумите
по кои ќе работи „Ѓаконија”. Нејзина основна дејност е создавањето на две црковни
кујни во парохиските цркви „Света Петка” во Црниче и „Свети Петар и Павле” во Ѓорче
Петров. Потоа, помош со пакети со прехрамбени производи и најнужни средства за лична
хигиена на социјално најзагрозените семејства. Дејноста е насочена и кон помош на
повеќедетните христијански семејства, но и кон оние, кои страдаат од лош сплет на
околности. „Ѓаконија” активно е вклучена во борбата против наркоманијата, алкохолизмот,
пушењето и сите пороци кои негативно влијаат на здравјето на личноста, но и на нејзиниот
духовен раст и смисла на живеење.
Во склоп на „Ѓаконија”, покрај харитативната дејност,
создадена е и плодна издавачка дејност. Од печат почнува да излегува весникот „Сеправославие”,
каде Митрополитот Агатангел е главен и одговорен уредник, а под негово духовно раководство
и надгледност се преведуваат и издаваат повеќе клучни теолошки книги, кои дотогаш,
од разни причини, не беа претставени на македонската читателска публика, на нашиот
мајчин македонски јазик.
Во новото поглавје во животот на дедо Агатангел, како
Митрополит Повардарски, огромните заложби и упорноста остануваат негово главно одличје.
Издавачката дејност, како основна одлика на работата на Митрополитот Агатангел,
со полна пареа започна да работи. Така, веќе е испечатен и вториот број од списанието
на Повардарската епархија „Православна Светлина“, каде дедо Агатангел е главен и
одговорен уредник. Испечатени се неколку нови книги, а поголем број на книги и брошури
се во фаза на подготвување. Градителската дејност исто така веќе бележи значителни
достигнувања. Црквата „Св. Кирил и Методиј“ во самиот центар на Велес забрзано се
гради, поставени се камен темелници на неколку нови цркви, а започната е и реставрација
и обнова на манастири и цркви низ територијата на Повардарската епархија. Па така,
започната е изградба на нови манастирски конаци во с. Согле, Полошкиот манастир
и с. Мокрени, а при крај е реновирањето на параклисот „Св. Петка“ во Велес. Хуманиот
аспект во работата на Митрополитот Агатангел е секогаш присутен, па така со неговото
доаѓање во Велес, во рамките на хуманитарно-мисионерската дејност „Ѓаконија“ започна
да функционира и црковна кујна во овој град.
Од раководењето со Брегалничката епархија, ќе спомнеме
дека Митрополитот Агатангел продолжи да го изградува и доградува она што веќе беше
започнато од страна на Митрополитот Стефан, а сега Архиепископ на Македонската Православна
Црква. Иако Брегалничката епархија беше доста сиромашна по приходи, сепак, заради
огромното залагање, упорност и вера во Божјата помош на Митрополитот Агатангел,
градителската дејност во Брегалничката Епархија, во ниеден момент не запра. Така,
целосно се обновени и реновирани Соборниот храм „Свети Николај” во Штип и црквата
„Свети Ѓорѓи Победоносец” во Кочани, интензивирани се веќе започнатите градби на
храмови и манастири насекаде во Епархијата, комплетно е реновирана, со нов иконостас
и фрескоживопис, манастирската црква „Св. Богородица” во манастирот „Свети Пантелејмон”
во Кочанско и изграден е нов конак во склоп на манастирот. Целосно се изградени
веќе започнатите цркви „Света Петка” и „Свети Климент Охридски” во населбата Сењак
во Штип, осветена е црквата „Св. Троица” во Радовиш и удрени се повеќе камен-темелници
за изградба на нови цркви, во повеќе села и градови на Брегалничката Епархија.
Она што најповеќе го карактеризира времето на службување
на Митрополитот Агатангел, секако е издавачката дејност која е една од најплодните
во целата Македонска Православна Црква. Досега се издадени над 40 книги и брошури,
а поголем број на нови книги се подготвуваат за во печат. Од 2003 година, кога и
започнува да излегува од печат списанието за православна вера, култура, образование
и воспитание „Троичник”, Митрополитот Брегалнички г. Агатангел е негов главен и
одговорен уредник.
Преку издаваштво и теологија спроведена на дело, Митрополитот
Агатангел, се обидува да ги затопли срцата на луѓето и да ја приближи и претстави
Македонската Православна Црква како мајка и топло духовно свратилиште на сите оние
кои сакаат да живеат побожно и спасоносно, чекорејќи на вистинскиот пат Христов
и приближувајќи се кон Царството Божјо.
Превземено
од
www.povardarska-eparhija.org.mk
|