ВАЛАНДОВСКА ПАРОХИЈА
Парохијата
е црковна заедница на свештени лица и на верници од Православна Христијанска
вера, населени на една определена територија, под духовно раководство на еден
парохиски свештеник, односно парох. Во едно населено место можат да постојат
повеќе парохии, а и повеќе места можат да сочинуваат една парохија (ч. 104 од
уставот на М П Ц ).
Валандовската
парохија е под јурисдикција на Гевгелиското архиерејско намесништво во
Повардарската епархија. Неа ја сочинуваат повеќе населени места: градот
Валандово и селата Раброво, Брајковци, Балинци, Марвинци и Грчиште.
Седиштето
на Валандовската парохија се наоѓа во градот Валандово во храмот посветен на
Св. вмч. Димитриј Солунски - Мироточив.
Храмот е
подигнат во 1830 година во северозападниот дел од градот. Бидејќи Валандовскиот
крај е познат по многу чести земјотреси, а Св. вмч. Димитриј помеѓу
православните народи е познат како заштитник од земјотреси, нашите претци не
случајно го посветиле овој храм на светиот великомаченик, барајќи заштита не од
луѓето, туку од Бога и неговиот угодник. Сегашниот иконостас на храмот е
изработен во 1988 година од уметникот Митко Миловановиќ, а е осветен на 07.04.
1989 година од тегашниот Митрополит Повардарски, а подоцна и Архиепископ
Охридски и Македонски г.г. Михаил. Фрескоживописот на храмот е во тек.
Во
селото Раброво се уште трае изградбата на храмот посветен на Светиот пророк
Илија. Темелите на овој храм се поставени и осветени на 24.01.2010 година од
Митрополитот Повардарски г. Агатангел.
Во
селото Брајковци храмот е посветен на Светиот вмч. Георгиј Победоносец, а
изграден е после земјотресот во 1931 година, на местото на кое пред земјотресот
се наоѓал стариот храм посветен на истиот светител, изграден во втората
половина на 19 век, а пред 1870 година.
Во
селото Балинци храмот е посветен на Св. вмч. Димитриј Солунски, изграден е пред
1860 година. Во 1931 година после земјотресот храмот повторно бил обновен.
Иконостасот е изработен во 1938 година од браќата Доневи од мијачкотот село
Гари.
Во селото
Марвинци храмот е посветен на Светата великомаченичка Параскева првобитниот храм во селото бил подигнат во втората половина на 19 век.
Нејзин градител
бил Андон Китанов од село Тресонче. Но во 1913 година храмот бил запален.
Денешниот храм е подигнат во 1926 година на истото место каде што се наоѓал
стариот. Во 1931 година и овој храм не бил поштеден од земјотресот, но наскоро
повторно бил обновен.
Во село
Грчиште се наоѓа храмот посветен на Свети архангел Михаил, овој храм се наоѓа
на центарот од селото, а според еден натпис над задната врата во храмот
дознаваме дека е изграден во 1849 година. За разлика од другите храмови во
Валандовската парохија, овој храм е украсен со фрескоживопис.
Според
преданието сите овие храмови датираат од многу подоцнежни периоди или пак се
подигнати врз темелите на храмови кои постоеле од дамнина на тие места, но за
овие официјални години дознаваме од пишаните извори. Валандовската парохија
изобилувала со многу манастири, но за многумина од нив сега постојат само
спомените. Според според преданието во секое село постоел барем по еден жив
манастир манастар. Најпознати помеѓу нив биле манстирот посветен на Свети
Николај Мирликијски во Валандово за кој со е останат само споменот, како и
манастирот посветен на Светите апостоли Петар и Павле во село Грчиште од кој
постојат само темелите кои се наоѓаат на два километри јужно од селото во
месноста Долни лозја крај патот што води кон селото Ѓавато и Богданци.
Единствениот
манастир кој е сочуван е манастирот посветен на Свети вмч. Георгиј Победоносец во
Валандово. Манастирот се наоѓа во падините на планината Плавуш на надморска
височина од околу 500 метри. Манастирскиот храм е подигнат во 1934 година врз
темелите на стариот храм кој бил подигнат во 1344 година. Манастирот бил метох
на светогорскиот манастир Свети Пантелејмон, а своевремено братството во него
броело и до сто монаси.
|