СВЕТИ ДИМИТРИЈ СОЛУНСКИ
МИРОТОЧИВ
Светиот
великомаченик Димитриј се родил од благородни и побожни родители во градот
Солун. Неговиот татко беше Солунски војвода и тајно веруваше во нашиот Господ
Исус Христос, на кого и Му служеше; но не се осмелуваше јавно да го исповеда
пресветото име Негово поради големите гонења на Христијаните во тоа време од
страна на незнабожечките цареви. Во внатрешноста на својот дом тој имаше
скапоцен бисер на верата христова: во тајната соба за молитва чуваше две свети
икони украсени со злато и скапоцени камења: на едната од нив беше изобразен
Господ наш Исус Христос, а на другата Пресветата Владичица Богородица. Пред
овие свети икони, секогаш со запалено кандило и поткадувајќи со темјан, заедно
со својата едноверна сопруга се молеше на вистинскиот Бог, кој живее на
висините, и на единородниот Син Негов, и на Сесветата Владичица. Беа милостиви
кон сиромашните и правеа големи добрини на оние во неволји. Имаше само една
работа поради која тагуваа: беа бездетни. И искрено Му се молеа на Бога да им
подари наследник. После долго време нивната желба беше исполнета: Севишниот ја
услиша нивната молитва и им подари син, свети Димитриј. Овој Божји дар силно ги
израдува родителите и тие Му оддадоа голема благодарност на Бога. Во таа нивна радост
учествуваше целиот Солун, а благодарните родители приредија голема гозба.
Кога
детето порасна доволно за да може да ја свати и познае вистината, родителите го
воведоа во домашната Црква, му ги покажаа светите икони и му рекоа: Еве ја иконата на Единиот Вистински Бог, Творец на небото и на земјата, а ова е иконата
на Пресвета Богородица. И така родителите го воведоа Димитриј во светата
вера, откривајќи му се со што човек може да Го познае нашиот Господ Исус
Христос, изложувајќи му се што ја покажува ништожноста на паганските
незнабожечки богови и на нивните безживотни идоли. И така, Димитриј, вразумен
од зборовите на своите родители, а посебно од благодатта Божја која почна да
дејствува во него, ја позна вистината и
со целата своја душа поверува во Господ, се поклони на светите икони и
од се срце ги целиваше. Тогаш, неговите родители, повикаа во куќата свештеник и
некои христијани што ги познаваа и во тајната соба за молитва го крстија
Димитриј во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!
Примајќи
го Светото Крштение, Димитриј го изучуваше законот Божји и растеше со телото и
разумот, со голема ревност искачувајќи се по духовната лествица и благодата
Божја беше врз него просветлувајќи го и вразумувајќи го. А кога свети Димитриј
стана полнолетен неговите родители го напуштија овој привремен живот, оставајќи
му во наследство не само големо имање, туку и пример за богоугоден живот. Царот
Максимијан, пак, откако разбра за смртта на Солунскиот Војвода, го повика кај
себе неговиот син, Димитриј. Забележувајќи дека е паметен и храбар, го постави
свети Димитриј за царски намесник на целата Солунска област. Поверувајќи му
таква должност, тој му рече: Чувај ја
татковината од безбожните христијани,
убивајќи го секој што го призива името на Распнатиот.
Примајќи
чин од царот, свети Димитриј се врати во Солун, пречекан со големи почести од
граѓаните. И веднаш почна пред своите јавно да го исповеда и проповеда Господа
нашиот Исус Христос и да ги поучува сите во светата вера. И стана за Солујаните
втор апостол Павле, приведувајќи ги кон познание на вистинскиот Бог, и
искоренувајќи го безбожното многубожтвото. Но гласот за ова брзо дојде и до
царот Максимијан. И дознавајќи дека царскиот намесник Димитриј е христијанин и
дека многумина има обратено во својата вера, царот се разгневи многу. И токму
во тоа време, враќајќи се од војната со Сараматите, царот се задржа во Солун.
Но уште пред да дојде Максимијан во градот, Димитриј на својот верен слуга Луп
му го предаде целиот имот и богатство: злато, сребро, скапоцени камења и облека
што му ги оставија родителите, за да може да ги раздаде на сиромашните и
угнетуваните. Потоа му рече: Раздај го ова земно богатство за да наследиме
небесно. –А самиот тој почна да се моли и пости подготвувајќи се за маченички
венец.
Царот
веднаш почна да испитува, дали е вистина тоа што го слушнал за свети Димитриј.
А свети Димитриј застанувајќи пред царот, храбро почна да исповеда дека е
христијанин и да го разобличува многубоштвото. Царот нареди исповедникот да го
затворат во темница. Влегувајќи во темнина, светителот почна да се моли со
зборовите на пророкот Давид:
Боже,
дојди ми на помош, побрзај, Господи, да ми помогнеш. Зашто Ти си моја
надеж, Господи, моја сигурност од младоста моја. За Тебе цврсто се држам од
раѓањето мое; Ти си мој покровител од мајчината ми утроба; за Тебе вечно ќе
пеам. Ќе се радува устата моја, кога ќе Ти пеам, и душата моја која си ја
избавил. И јазикот мој секогаш ќе зборува за Твојата правда. (Пс.69,1;70,5-6,23-24).
И
седеше свети Димитриј во темнина како во света палата, фалејќи и славејќи Го
Бога. А ѓаволот, сакајќи да го уплаши, се претвори во шкорпија и сакаше да го
касне светителот за нога. Прекрстувајќи се, без никаков страв, светителот ја
згазна шкорпијата со нога изговарајќи ги зборовите на пророк Давид: На отровница и на змија ќе нагазнуваш, лав и
змеј ќе убиваш. (Пс.90,13). И додека светителот седеше во темнина, го
посети ангел Божји во голема светлина, со прекрасен рајски венец и му рече: Мир на тебе, страдалниче Христов, биди
храбар и бодри се! –Светителот одговори: Се радувам во Господа и се
веселам во Бога спасителот мој! Ова видение уште повеќе ја распали во
срцето на светителот љубовта кон Бога и тој се повеќе сакаше да ја пролие крвта
своја за Христа.
Во тоа време царот
подготвуваше игри и претстави: бидејќи имаше еден докажан борец, по потекло
Вандалин,кој се викаше Лиј. За лиевите борби царот подготви посебно место, со
бина подигната на столбови. Под бината беа прицврстени копја со врвовите
нагоре. Така кога Лиј ќе победеше некој во борба, тој го фрлаше од бината врз
копјата. Од страната пак стоеше незнабожечкиот народ со својот цар и се радуваа
и веселеа кога некој несреќен човек се превиткуваше во маки врз копјата, се
додека не го испуштеше својот дух. Помеѓу невините жртви беа и многу христијани.
Бидејќи, кога по неколку дена немаше никој доброволно да се пријави за борба со
Лиј, тогаш по нареддба на царот христијаните со сила беа доведувани на бината.
Во публиката имаше и еден млад христијанин по име Нестор. Тој беше воспитан во
светата вера од самиот свети Димитриј. Гледајќи го тоа ужасно веселие на
незнабожците, срцето на Нестор се раскинуваше од болка. Обземен од ревност, тој
реши доброволно да испадне на борба со џиновскиот Лиј. Но претходно отиде во
затворот кај свети Димитриј, му раскажа се за Лиј и побара од него благослов за
да го победи. Свети Димитриј го благослови, го осени со крсниот знак и му рече:
Лиј ќе го победиш, но ќе пострадаш за
Христа.
Брзо
доаѓајќи до местото каде што се одвиваа борбите, Нестор со висок глас извика: Боже Димитриев,
помогни ми! –Потоа се искачи на бината, стапи во борба со Лиј и со
Божја помош го победи, соборувајќи го врз острите копја, каде големиот џин бргу
ја најде својата смрт. Смртта на Лиј, го натажи царот и тој нареди веднаш со
меч да биде погубен блажениот Нестор. Но тоа не го утеши царот и тој цел ден и
цела вечер тагуваше по Лиј. Дознавајќи дека Нестор испаднал на борба со
благослов од свети Димитриј, нареди и него да го погубат со копје. Затоа што
царот расудуваше вака: бидејќи Нестор со
благослов од свети Димитриј го усмрти Лиј врз копјата, тогаш и тој треба да
биде усмртен со копје; да умре со смрт каква што му приреди тој на нашиот
миленик Лиј.
Но
безумниот мачител се лажеше себе си, сметјќи дека смртта на праведникот е иста
со смртта на грешникот. Затоа што срамна е смртта на грешникот, а скапоцена во
очите на Господа, смртта на праведникот. И веднаш штом почна да изгрева сонцето
на дваесет и шести октомври, војниците влегоа во келијата каде беше затворен
свети Димитриј, го најдоа како стои на молитва и со копја го прободеа. И така
исповедникот Христов ја предаде својата чесна и света душа во рацете на
Господа. А неговото тело, фрлено на земја и исмеано, христијаните ноќно време
тајно го земаа и чесно го закопаа.
Кога
војниците со копја го прободеа свети Димитриј во затворот, таму се наоѓаше и
претходно спомнатиот слуга негов Луп. Тој ја зеде крпата на својот господар
која беше натопена со неговата чесна крв и прстенот кој исто така беше натопен
со крв. Со таа крпа и со тој прстен тој вршеше многу чуда, исцелувајќи секаква
болест и изгонувајќи демони. Гласот за овие чуда се пренесе по цел Солун и
почнаа сите болни да доаѓаат кај Луп. Кога за ова дозна Максимијан, нареди на
Луп да му биде отсечена главата. Така верниот слуга, појде по својот господар,
свети Димитриј, кон Господа во небесните живеалишта.
Откако
помина многу време и престанаа гонењата на христијаните, над гробот на свети
Димитриј беше изграден мал храм. И се случуваа во него многу чуда и многумина
болни се исцелуваа од своите болести. Така еден познат благородник од Илирија,
по име Леонтиј, кој боледуваше од тешка болест, со вера прибегна кон свети
Димитриј. Кога го внесоа во црквата и го положија на она место каде што беа
погребани моштите на светителот, тој во истиот час оздраве и станувајќи
потполно здрав, почна да го слави Бога и Неговиот свет угодник Димитриј. Во
знак на благодарност кон светителот, Леонтиј реши да подигне голема и прекрасна
црква. Од таа причина претходниот мал храм беше разрушен и кога почнаа да ги
копаат темелите за новиот, ги пронајдоа моштите на светителот не распаднати; а
од нив истекуваше благомирисно миро, кое целиот град го исполни со
благопријатен мирис. На тоа место се собра многу народ. Ги извадија моштите од
земјата со голема радост, при што многумина болни се исцелуваа откако ќе се
помазеа со мирото. Леонтиј, радувајќи се не толку на своето исцелување, колку
на откривањето на моштите на светителот, за кратко време го заврши започнатото
дело и подигна велелепен храм посветен на светиот великомаченик Димитриј. Тука
и беа положени моштите на светителот, поставени во ковчег обложен со злато,
сребро и скапоцени камења. Покрај тоа, Леонтиј купи и ниви и лозови насади и ги
поклони на црквата за издржување на свештенослужителите. А кога дојде време
Леонтиј да се врати во својата татковина, тој намисли со себе да земе и дел од
моштите на светителот, за и таму да подигне црква во негова чест. Но свети
Димитриј, во видение му забрани, да не се дрзнува да земе од моштите. Така
Леонтиј ја зема со себе само наметката на светителот, која беше натопена со
неговата крв, ја положи во златен ковчег и се врати во својата татковина. По
патот, по молитвите на светителот се случија многу чудеса преку наметката. Така, кога Леонтиј и оние што беа со него,
требаше да поминат преку една голема и од бура разбранувана река, ги обзеде
страв и голем ужас, но светителот му се јави на Леонтиј и му рече да го земе во
своите раце ковчегот со наметката и да не се плаши. Така и бидна и сите
безбедно ја поминаа реката. А кога пристигна во својата земја, Леонтиј подигна
голема црква во чест на светиот великомаченик Димитриј. Леонтиј, призивајќи го
името на овој свет великомаченик Христов, почна да врши многу чуда. Епархот на
Илирија, Марин, беше тешко болен; целото негово тело од глава до пети беше
покриено со рани и гној. Него Леонтиј го избави од овие маки по молитвите на
свети Димитриј. Исто така тој славно исцели и една крвотечива, призивајќи го
името на свети Димитриј; протера бес од еден бесомачен и многу други чуда ги
изврши.
Но
посебно многу чуда се случуваа во Солун, каде се наоѓаат моштите на свети
Димитриј. Така еднаш во црквата на светиот великомаченик се случи пожар. При
тоа посебно многу беше оштетен сребрениот свод над моштите: од огнот се стопил.
Тогашниот архиепископ Евсевиј, посебно се трудеше за да го обнови сводот. Но
тој имаше многу малку сребро. Во тоа време на еден побожен свештеник од тој
храм му се јави свети Димитриј и му рече: оди
и кажи му на епископот на градот –не се осудувај да го претопиш тронот во мојата
црква. Свештеникот Димитриј, отиде и му ги пренесе зборовите на епископ
Ероним. Епископот најпрво се уплаши од зборовите на свештеникот, а потоа
помисли дека свештеникот можеби на некој начин дознал за неговата намера, па
престана да се чуди и дури го укори свештеникот. После неколку дена
архиепископот побара да му повикаат мајстори. Тогаш свештеникот повторно дојде
кај епископот и му рече: светиот
великомаченик Димитриј, повторно ми се јави во сон мене грешниот и ми заповеда
да ти пренесам: од љубов кон мене немој да го претопуваш тронот. Овој пат
архиепископот грубо го пречека свештеникот, но сепак не се дрзна да го претопи
тронот. По извесно време епископот повторно реши да ја исполни својата намера,
но свети Димитриј му се јави на истиот свештенк и му рече: не тегувајте, јас се грижам за мојот храм и град; препуштете ми ја мене
грижата за тоа.
Слушајќи
го ова архиепископот повеќе не можеше да се воздржи и низ солзи им рече на
присутните: да почекаме малку браќа,
бидејќи самиот Христов угодник ни ја нуди својата помош. Уште не беше ги
изговорил зборовите кога пристигна еден Солунјани, по име Мина кој со себе
донесе седумпесет и пет финти сребро. И рече: честопати свети Димитриј ме избавуваше од разни опасности, па дури
и од смрт ме избавуваше. Јас одамна сакав
да му принесам дар на мојот покровител и заштитник. Но денес од рано раутро
некој глас ме потсетуваше на тоа и ми велеше: Оди и направи го она што одамна
го имаш испланирано. Предавајќи го среброто, Мина изрази желба тоа да се
искористи за сводот над гробот на светителот. После тоа се јавија и други
солински граѓани кои даруваа сребро. И од тие дарови беше направен прекрасен
свод над гробот на светиот великомаченик Димитриј.
Многу пати, светиот
великомаченик Димитриј го спасувал својот град Солун од варварски напади и
разни опасности. Така за време на царот Маврикиј, Аварите побарале голем данок
од византијците, но Маврикиј одбил да го исполни нивното барање. Тогаш Аварите
собрале голема војска, во која имало голем број на словени и решиле да го завземат
градот Солун, познатиот трговски град со големи богатства. Царот Маврикиј
испратил војска во Солун, каде пред тоа чумата одземала многу човечки жртви,
така што бројот на жители во градот значително бил намален; а непријателската
војска кој се доближувала кон Солун изнесувала околу сто илјади луѓе. На десет
дена пред да пристигне непријателската војска, свети Димитриј му се јавил на
архиепископот Евсевиј и го предупредил за големата опасност која му се
заканувала на градот. Но Солунјаните не мислеле дека непријателската војска ќе
пристигне толку бргу. Меѓутоа непријателот за брзо време се појавил пред
градските тврдини. И можел без проблеми да го завземе градот, доколку силата на
Севишниот, по молитвите на свети Димитриј, не го задржала недалеку од градот.
Како се случи тоа? Непријателите цела ноќ поминале пред ѕидините на еден
Солунски манастир кој се наоѓал во близина на Солун. Кога се разденило тие ја
увиделе грешката што ја направиле. Непријателите тргнале во воен поход, но
тогаш на градските тврдини, видливо за сите се појавил свети Димитриј облечен
во војничка облека. И така првиот војник кој се искачил на тврдината, со копје
бил соборен од светителот, а овој паѓајќи ги повлекол со себе и другите
војници. Тогаш страв ја зафатил непријателската војска и тие престанале со
нападот. Но опсадата не престанала, напротив таа само што започнала. Гледајќи
ја големината на непријателската војска, жителите на Солун биле преплашени и
мислеле дека пропаста на градот е неизбежна. Но потоа гледајќи го својот
заштитник како ги спасил од првиот напад, им се вратила недежта дека, свети
Димитриј, нема да допушти својот град да падне во рацете на непријателите.
Меѓутоа непријателите ја запичнале опсадата на градот, ги разнижале градските
ѕидини и дожд од стрели и камења ја помрачувал светлината на денот. Сета надеж
на жителите на Солун беше во помошта од небесата и мноштво на луѓе го
исполнуваше храмот на свети Димитриј. Во тоа време во градот се наоѓаше еден
многу праведен човек исполнет со страв Божји по име Илустриј. Доаѓајќи навечер,
Илустриј срдечно се молел во црковниот трем на Бога и на Неговиот угодник свети
Димитриј да го заштитат градот од непријателите. И така тој имаше видение: виде
како во храмот дојдоа двајца младичи, налик на царски телохранители; а тоа беа ангели.
Ним вратите на храмот сами им се отворија и тие влегоа внатре. По нив влезе и
Илустриј, сакајќи да види што ќе се случи. Влегувајќи тие громогласно извикале:
каде е господинот кој тука живее? Тогаш
се појавил друг младич, налик на слуга и ги прашал: зошто ви е потребен? –тие одговориле: Господ нѐ испрати да му пренесеме порака. Покажувајќи на гробот на
светителот слугата рекол: Тој е тука. Тогаш
тие му рекле на слугата: извести го за
нас.
Тогаш
слугата ја тргнал завесата и се појавил свети Димитриј, онака како што е
претставен на иконите, а Илустриј од страв и од заслепувачката светлина не се
осмелувал да гледа во светителот. Пристапувајќи, ангелите го поздравиле свети
Димитриј, а тој им одговорил: Благодата
да биде со вас! Поради што сте дојдени кај мене? –Тие му одговориле: Господ нѐ испрати кај твојата светост, сака
да го напуштиш градот и да појдеш кај Него. Градот ќе го предаде на
непријателите. Слушајќи го ова светителот со наведната глава молчеше со
солзи во очите, а слугата негов им рече на ангелите: Да знаев дека вашето доаѓање ќе го натажи мојот господар, немаше да го
известам за вас. Тогаш проговори и светиот великомаченик: Така ли Му е угодно на мојот Господ? Така ли
сака Владиката на сите и на сѐ, градот искупен со Неговата Крв, да биде предаден
во рацете на непријателите, кои не знаат за Него, не го почитуваат Неговото
свето име и не веруваат во Него? Тогаш ангели одговорија: Да не Му беше така угодно на Господа, Тој
немаше да нѐ испрати кај твојата
светост. А свети Димитриј им одговори: Браќа
одете кај Него и речете Му вака: Човекољупче Владико Господи, го знам Твоето
човекољубие. Тоа ги надминува нашите гревови. Дури ни безаконието на целиот
свет не може да го победи Твоето милосрдие. Ти заради грешниците ја пролеа
Својата света Крв и душата Своја ја положи за нас, исто покажи ја Својата
милост и на овој град и не наредувај ми да го оставам. Ти Самиот ме постави за стражар на овој град, дозволи
ми да се угледам на Тебе, Владиката мој. Дозволи ми душата своја да ја положам
за жителите на овој град и ако тие загинат, да загинам и јас со нив. Господи не
го погубувај градот во кој се повикува Твоето свето име, и да згрешија овие
луѓе, сепак не се откажаа од Тебе. Ти си Бог на оние што се каат. Тогаш
ангелите го прашаа: така ли да Му
одговориме на господа? Светителот одговори: Да така, затоа што знам дека Он не се гневи до крај, ниту вечно се
лути. (Пс.102,9). Изговарајќи го ова светителот влезе во гробницата и
свештениот ковчег се затвори, а ангелите станаа невидливи.
Сето
тоа Илустриј го виде во видение. А кога заврши видението и си дојде при себе,
зачуден, падна на земја и му вознесе благодарност на светиот великомаченик што
се грижи за градот и се моли на Бога да не го предаде во рацете на
непријателите. А кога се раздени, Илустриј ги извести своите сограѓани за
видението и ги бодреше јуначки да се борат против непријателите. Слушајќи за ова, сите со солзи повикаа ко Господа за
милост и го повикуваа на помош свети Димитриј. И така по заштитата на свети
Димитриј градот остана не повреден, затоа што непријателите срамно се повлекоа
откако не можеа да го освојат градот, заштитуван од великомаченикот. Во седмиот
ден од опсадата, непријателот без никаква видлива причина се разбега,
превртувајќи ги своите шатори и оставајќи го сето оружје. Нередниот ден некои
од разбеганите војнице се вратија и го раскажаа следново: Уште од првиот ден ние кај вас видовме толку многу заштитници кои го
надминуваа бројот на нашата војска. Верувавме дека вашата војска се крие зад
градските тврдини и вчера таа изврши напад врз нас, а ние се разбегавме. –Зачудените
граѓани ги запрашаа: А кој ја предводеше
војската? –Им одговорија: Видовме
огнено блескав маж на бел коњ и со бела како снег облека. Слушајќи го ова
Солунските грѓани разбраа кој ја протерал непријателската војска. И така
светиот великомаченик Димитриј го запази својот град од непријатели.
После
ова повлекување на непријателската војска од градот Солун, набругу се појави
друга закана за градот. Имено држејќи го градот под опсада, непријателската
војска ги опустошила сите житни резерви. Затоа во Солун се појави голем глад и
многумина луѓе почнаа да умираат од прегладнетост. Гледајќи дека неговиот роден
гред пропаѓа од глад, свети Димитриј неколкупати се јавил на некои бродови по
морето, посетил неколку пристаништа и острови, наредувајќи им на бродовите со
пченица да пловат кон Солун. На тој начин свети Димитриј го спасил повторно
својот град од пропаст.
Кога
благочестивиот цар Јустинијан во Цариград ја подигнал црквата посветена на
света Софија (премудрост Божја), испратил во Солун некои чесни луѓе да донесат
дел од моштите на свети Димитриј, заради велелепие и осветување на
новоизградениот храм. Кога пратениците му пристапиле на ковчегот за да ја
извршат царската наредба, одеднаш од ковчегот се појавил оган кој ги заслепил
верните и се слушнало глас: Застанете, не
допирајте! Од страв сите верници паднале на земја. А царските пратеници,
земале само малку од земјата на тоа место и се вратиле во Цариград,
раскажувајќи му на царот за тоа што се случило. Сите што го слушале нивното
кажување биле воодушевени. Половина од донесената земја му била дадена на царот,
а другата половина во новоизгредениот храм.
Некое
младо момче по име Онисифор било задолжено да ги пали свеќите и да се грижи за
кандилата во храмот на свети Димитриј. Но измамен од ѓаволот, тој почнал да
краде од свеќите и тајно да ги продава, добивајќи со тоа нечесна заработувачка.
Не можејќи да трпи таква нечесност, свети Димитриј на сон му се јавил на
момчето и благо и човекољубиво го опоменил велејќи му: Брате Онисифоре, мене не ми е пријатно тоа што ти градеш од свеќите, со
тоа им нанесуваш голема штета на приложниците, а уште поголема на себе. Вразуми
се дека луѓето што прават така ги очекува осуда. Затоа престани и покај се.
Онисифор
се разбудил и веднаш го обземал страв и срам. По некое време заборавил на
советот од свети Димитриј и повторно почнал да краде од свеќите како и порано.
Но набрзо казната го стигнала. Еден ден некој побожен човек, уште рано наутро
отишол во храмот на свети Димитриј и откако купил неколку големи свеќи ги
запалил на гробот на светителот и си заминал. Веднаш по него Онисифор ја
испружил раката за да ги земе свеќите, но од гробот се слушнал глас: Ти повторно го правиш истото!
Поразен
од гласот Онисифор паднал на земјата како мртов, се додека не пристигнал некој
од свештениците и го подинал. Откако си дошол при себе, Онисифор пред сите
исповедал се, и својот грев и првата и втората опомена од Светителот. Слушајќи
го ова сите се исполниле со страв Божји.
Светиот
великомаченик Димитриј многумина ги ослободил од разни непријатели. Еднаш
варварите заробиле некој епископ и го ставиле во окови, свети Димитриј му се
јавил, го ослободил од оковите и го испратил се до градот Солун. Во друга
прилика варварите откако го обиколиле градот земале со себе две млади девојки
кои имале голема дарба за везење. Одведувајќи ги во својата земја ги поклониле
на својот кнез. А тој им заповедел велијќи им: Слушам дека во вашата земја има голем бог, кого го викаат Димитриј,
извезете ми го неговиот лик, па и јас да му се поклонам. –Девојките му
одговориле: Кнезу, Димитриј не е бог,
туку е голем слуга на Живиот Бог, а твојата заповед нема да ја исполниме, затоа
што знаеме дека нема да му се поклониш, туку сакаш да го исмејуваш. Разлутен
кнезот им кажал дека во негови раце се нивните животи. Ако го извезат ќе
живеат, ако не ќе бидат погубени.
Плашејќи
се за своите животи девојките почнале да го везат ликот на свети Димитриј, го
завршиле точно вечерта спроти празникот и откако завршиле ги наведнале главите
над ликот и низ солзи почнале да говорат: Не
се гневи на нас мачениче Христов. Тебе ти е познато дека безбожниот кнез ќе
сака да го исмева твојот лик, како и тоа дека ние не сакавме да го извеземе, но
тоа го направивме под смртна закана. –Така плаќејќи пред ликот на
светителот, тие заспале. И тогаш, како некогаш ангелот што го зема Авакум, така
и сегаш светителот се јави ги зема девојките заедно со неговиот извезен лик и
ги постави пред својот ковчег за време на сеноќното бдение на неговиот празник.
Гледајќи го ова чудо, сите луѓе беа воодушевени, а девојките откако се
пробудија извикаа: Слава на Бога! Каде се
наоѓаме? Долго време тие мислеа дека тоа е само сон и неможеа да поверуваат
каде се наоѓаат, најпосле сватија дека тоа е вистинско чудо гледајќи го гробот
на светителот и мноштвото луѓе кои се молат на сеноќното бдение во Солун. Тогаш
тие громогласно му вознеле слава на Бога и пред сите раскажале за тоа што им се
случило. Луѓето исполнети со љубов кон Бога поради чудотот, достојно го
празнувале денот на свети Димитриј. А везеното платно го поставиле над олтарот
и од него се случиле многу чуда, во слава на Бога, Еиниот во Троица. Нему
слава, чест и поклонение, сега и секогаш и во вечни векови.
Амин.
|